Меѓународен ден на рисот 2026
Секоја година на 11 јуни, низ светот се одбележува Меѓународниот ден на рисот. По тој повод, организации, партнери и локални заедници спроведуваат разни активности за да ја подигнат свеста за зачувување на рисот и да истакнат колку е важно да се заштитат видови како балканскиот рис. Годинава, во Косово беше промовирана книгата за деца „Заштитник на природата“, а во Северна Македонија јавната свест се подигаше преку социјалните мрежи. Во Албанија беа спроведени низа настани со еколошка тематика со цел младите да се запознаат со рисот, заканите со кои се соочува и улогата што овој вид ја има за биолошката разновидност.

© ППНЕА
Косово
По повод годинешниот Меѓународен ден на рисот, во Пеќ беше организирана промоција на интерактивна книга за деца, насловена „Заштитник на природата“. Оваа книга ја подига свеста за зачувувањето на рисот и на биодиверзитетот во целина. За време на настанот беа донирани примероци на локални училишта со цел да се поддржи еколошкото образование и да се поттикнат младите да научат повеќе за зачувувањето на природата.
Северна Македонија
За да се одбележи Меѓународниот ден на рисот, онлајн заедницата во Северна Македонија беше поканета да учествува во квиз за балканскиот рис на социјалните мрежи. Ден по објавата на прашањата следуваше објава со точните одговори, што го зголеми учеството во квизот. Во знак на благодарност, учесниците добија промотивни и едукативни материјали за балканскиот рис и неговото закрепнување.
Албанија
Главниот настан во Албанија се одржа во општината Фуше-Арез, близу планината Мунела која е едно од најважните живеалишта за балканскиот рис во земјата. Заедно со Регионалната управа за заштитени предели во Скадар и со локалната заедница беа спроведени едукативни активности за деца и млади, преку кои научија повеќе за балканскиот рис и за важноста од зачувување на биолошката разновидност.
Беа организирани активности и за време на граѓанскиот протест во Тирана за зачувување на заштитеното подрачје Вјоса-Нарта. Меѓу присутните возрасни и деца беа поделени илустрирани разгледници за балканскиот рис, што беше придружено со едукативни активности за зачувувањето на биолошката разновидност и природата.




