Ставање околувратници на рисови за научни цели
Македонското еколошко друштво, како партнер на БЛРП од Македонија, става околувратници на единки од балкански рис за да стекне детални сознанија за тоа како овој загрозен подвид ги користи живеалиштата и каде се движи. Ова се остварува преку ГПС-околувратници. Од почетокот на проектот околувратник носеле 15 единки, и дале вредни податоци.

Крле © МЕД
Зора
Зора е нашиот петнаесетти заловен балкански рис во Македонија, кој доби околувратник во април 2025 г. Преку радиотелеметрија откриваме дека шпарта низ шумите во западниот дел на земјата. Кога ја заловивме тежеше 15,5 кг, а денес сè уште е силен и спретен ловец – срната ѝ е омилен плен.
Луна
Убавицата Луна ја заловивме зимата во 2024 г., на полна месечина. Иако околувратникот повеќе не ѝ работи (престана да праќа сигнал по година и пол), собравме доволно квалитетни податоци за да утврдиме значајни обрасци на однесување. Особено нè израдуваа едни ГПС-точки: наидовме на можно дувло. И баш така, летово потврдивме дека Луна родила рисче – а имаме и слики.
Крле
Крле беше полн крлежи кога го заловивме во март 2024 г., но сега е добар. Успешно лови срна, а одвреме-навреме среќава и женки. Радиотелеметриските податоци ни открија рандеву со Зора на раб на шума. Вакви средби се ретки кај територијални животни како рисот, но мажјак и женка може да се среќаваат, зашто нивните територии се преклопуваат.
Како работи ГПС-околувратникот
Околувратниците обично работат една до две години, при што собираат вредни податоци. Околувратникот може да се лоцира, да се земе од терен и повторно да се искористи. Откако ќе му се истроши батеријата, вграден механизам за „откачување“ овозможува по назначен период тој да падне од животното.

Луна © МЕД
© Copyright Cuddeback, 2025

Зора © МЕД

Интеракција на Зора и Крле © МЕД


