Следење на достапноста на пленот за балканскиот рис
Програмата за закрепнување на балканскиот рис (БЛРП) ја проценува достапноста на дивокозата во неколку региони за да стекне сознанија за овој битен плен на рисот. Ова ќе даде основа за да се конципираат соодветни заштитарски мерки.

© ЕРА
Овој рис претежно лови мали копитари, како дивокоза и срна, но и див зајак, глодачи, а понекогаш и лисици. Опстанокот тесно му е поврзан со достапноста на пленот и квалитетот на живеалиштето.
Пребројувањето дивокоза во Македонија се одвиваше на планината Галичица на 30 октомври. Во овој планински венец е сместен и истоимениот национален парк, кој претставува и значајно подрачје за рисот во јузападниот дел на земјата, на границата со Албанија. Партнерската организација МЕД им се приклучи на ренџерите од паркот и на членовите од планинската спасувачка служба, да се спроведат три трансекти, и тоа од охридска и преспанска страна. Евидентиравме 13 единки, а според ренџерите, нивниот број во подрачјето е повисок. Освен тоа, МЕД, во соработка со ловочувари спроведоа мониторинг на 11 ноември 2025 г. во Повеќенаменското подрачје „Јасен“, во северозападниот дел на земјата. Низ пет трансекти утврдивме 231 единка, а меѓу нив возрасни и млади. Подрачјето е и живеалиште на балканскиот рис.
Мониторинг во Косово имаше во три региони: Проклетие, Ѓеравица и Копаоник. Сè уште се пребројува, иако дивокози се регистрирани во сите региони, кои важат за потенцијално живеалиште на балканскиот рис или подрачја каде е потврден рис.
Во Албанија ППНЕА спроведе пребројување дивокоза во ноември 2025 г. заедно со регионалните агенции на заштитените подрачја во Корча и Елбасан. Се пребројуваше во националните паркови „Преспа“ и „Шебеник“, кои се битни прекугранични подрачја за балканскиот рис. Со овогодинешните трансекти во ниеден парк не беше регистрирана дивокоза. И покрај исходот од ноемврискиот цензус, во регионот има дивокоза. Претходно есента локален туроператор документира група од 15 дивокози во НП „Шебеник“. ППНЕА ќе продолжи со мониторинг во декември 2025 г. и во други значајни подрачја за рисот, како паркот на природата „Мунела“ и екосистемот Полис-Валамара. Освен тоа, неколку фотозамки поставени на Албанските Алпи сè уште редовно регистрираат дивокози, а меѓу нив има и слики од дивокоза при првите снегови во сезоната.
Достапноста на пленот е суштински важна за БЛРП, зашто на тој начин може да се протолкува како се користи живеалиштето и нуди основа да се конципираат ефективни заштитарски мерки.





