Одржување на соработката и довербата
Од теренски мониторинг до научна размена и регионална соработка, септември и октомври 2026 година беа исполнети месеци за Програмата за закрепнување на балканскиот рис (БЛРП). Се случија три средби – три одлични можности за експертите за заштита на природата, истражувачите и локалните чинители да разменат знаења, да го зајакнат партнерството и да ги унапредат напорите за заштита на критично загрозениот балкански рис.

© EuroNatur
1. Партнерски состанок на Програмата за закрепнување на балканскиот рис
Од 29 септември до 1 октомври 2026 година, 25 претставници на партнерските организации во Програмата за закрепнување на балканскиот рис (БЛРП) – ЕРА, Еуронатур, КОРА, МЕД и ППНЕА – се сретнаа на околу 1515 метри надморска височина, на Шар Планина во Косово, на годишниот партнерски состанок. Во фокусот на продуктивната средба беше зацврстувањето на регионалната соработка и разгледувањето на првите чекори кон зајакнување на популацијата на балканскиот рис, што е клучна мерка на заштита планирана за претстојната фаза на проектот. Покрај официјалните разговори, партнерите уживаа во ден поминат во пешачење низ прекрасните планински предели, што претставуваше одлична можност за дружење, размена на искуства и зајакнување на односите во опуштена и пријателска атмосфера.
2. Деветта средба на „Еуролинкс“
Што ни кажува телеметријата за социјалниот живот на рисот, инаку познат како самотно животно? Дали сите средби се заради размножување? Дали женките можат да ја прескокнат сезоната на парење? Како евроазискиот рис одлучува каде ќе се движи и колку тој избор зависи од достапноста на пленот? Кои се можните сценарија за закрепнување на балканскиот рис во регионот? Како може да се заштити рисот од сообраќајни несреќи и фрагментација на пределите?
Ова беа само дел од темите и прашањата што се отворија за време на деветтата средба на „Еуролинкс“(EUROLYNX), чиј домаќин беше Македонското еколошко друштво. На средбата, што се одржа од 12 до 14 октомври 2026 година во македонското село Вевчани, се собраа речиси 90 научници од дури 21 земја.
„Еуролинкс“ претставува европска научна иницијатива за споделување податоци и знаење за екологијата на движењето на евроазискиот рис, основана во 2018 година. Замислена како просторна база на податоци, „Еуролинкс“ ги чува податоците за евроазискиот рис (Lynx lynx) што засега ги споделуваат 42 групи од 19 земји.
Податоците што се достапни преку овој отворен информациски систем овозможуваат да се истражи однесувањето на рисот во неговите живеалишта и да се евидентира како неговите популации реагираат на промена на живеалиштата, разни човекови активности, густината на пленот или методите на одгледување добиток. Со оглед на тоа што ваквите теренски поткрепени информации пристигнуваат од повеќе земји, „Еуролинкс“ дава одлична основа за компаративни теориски и применети истражувања за однесувањето и екологијата на рисот на европско ниво.
Oсвен што донесе нови сознанија и многу инспирација, средбата ги потсети присутните колку е убава научно-истражувачката работа - и кога наученото ќе се сподели!
3. Средба на мониторинг-мрежата во Северна Македонија
Теренската работа и мониторингот се клучни за закрепнувањето на балканскиот рис – и возможни само во соработка со луѓето кои имаат теренско искуство и интерес да се зачува ова фасцинантно животно. Мрежата за мониторинг на балканскиот рис во Северна Македонија е формирана од Македонското еколошко друштво (МЕД), партнерска организација во БЛРП. Меѓу членовите има ловџии, ловочувари, доктори по ветеринарна медицина, шумари и новинари. Преку нејзиното дејствување се прошируваат активностите за мониторинг, се подобруваат теренските познавања и се подига свеста за заштита и на рисот и на неговиот плен.
Триесет и два члена присуствуваа на редовната годишна средба што се одржа на 18 септември 2026 година во организација на МЕД. Беа презентирани резултатите од мониторингот на балканскиот рис во тековната година, вклучително и потенцијалните живеалишта на рисот низ западна Македонија, што беа истражени за време на годишната сесија со фотозамки. Овие активности значително ги дополнуваат податоците за присуството и распространетоста на балканскиот рис во земјата.




