Нови докази за размножувањето на балканскиот рис во Албанија
Здружението за зачувување на природата во Албанија (ППНЕА), партнерска организација на Програмата за закрепнување на рисот, сними возрасна единка на балканскиот рис заедно со нејзиното младенче во Националниот парк „Шебеник“. Овој научен доказ за размножувањето доаѓа во одлучувачки момент за оваа критично загрозена популација.

© ППНЕА
Направени во текот на есента 2026 година во рамки на националното следење со фото-замки од страна на ППНЕА и во соработка со Регионалната администрација на заштитени подрачја во Елбасан, овие снимки го потврдуваат размножувањето на овој подвид и даваат важни информации за напорите за негово зачувување.
Снимката доаѓа во исклучително важен момент за нас, со оглед на тоа што се подготвуваме за следните чекори во спроведувањето на стратегијата за генетско зајакнување на популацијата. Иако ваквиот доказ за природната репродукција е охрабрувачки, сепак не ја намалува потребата за ублажување на генетската ранливост на популацијата. Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) е и натаму критично загрозен, со мала и фрагментирана популација која се соочува со закани што го поткопуваат нејзиниот опстанок. Меѓу нив, покрај слабата генетска разновидност, најсериозни се нелегалното убивање, губењето и фрагментираноста на живеалиштата.
Присуството на младенчето е охрабрувачки знак, но една единствена снимка не е доволна за да се потврди зголемувањето или закрепнувањето на популацијата. Токму затоа се важни научните истражувања и долгорочното следење: тие ни помагаат да ја разбереме состојбата на популацијата, да ги идентификуваме критичните живеалишта и закани и да развиеме мерки за зачувување врз основа на проверливи докази. И токму научните истражувања треба да ги поткрепат одлуките што ги засегаат заштитените подрачја.
Националниот парк „Шебеник“ во Источна Албанија е исклучително важно живеалиште за балканскиот рис. Тамошните шуми, популации на плен и еколошки коридори се неопходни за неговото движење, исхрана и размножување. Документираното присуство на младенчето дава дополнителни опипливи докази дека е важно да се заштити овој екосистем како место каде што рисот може да се размножува и да ја одгледува следната генерација. Заштитата на ова живеалиште и одржувањето на неговиот еколошки интегритет се неопходни за долгорочниот опстанок на балканскиот рис. Одлуките што влијаат на овие екосистеми мора да бидат транспарентни и одговорни и мора предвид да ги земаат можните долгорочни последици. Токму затоа, заштитата на овој национален парк во целост е од суштинска важност!


