Најнови вести за теренската работа во ареалот на балканскиот рис

Теренската работа е клучна во Програмата за закрепнување на балканскиот рис (БЛРП). Целта на програмата е да се воспостави континуиран мониторинг и да се спроведе таргетирано истражување на екологијата и потребите на балканскиот рис, поради што нашите партнери од Албанија, Република Северна Македонија и Косово и натаму се на терен. Во текот на изминатите месеци, во Албанија беше поставена нова мрежа за мониторинг со фотозамки, во Македонија ѝ беше поставен ГПС-околувратник на рисицата Благица, а во национален парк во Косово беше лоцирана дотогаш непозната единка на балканскиот рис.

© ЕРА © ЕРА

© ЕРА

Албанија
Во тек е првата национална програма за мониторинг на балканскиот рис во Албанија, која опфаќа некои од најважните живеалишта на рисот и на неговиот плен во земјата. Преку едногодишната студија, која опфаќа 55 квадранти со површина од 20x20 км² на приближно 22.000 км², треба да се надополни знаењето за распространетоста и поврзаноста на живеалиштата на рисот.

Во рамките на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, се планира распоредување на 150 камери заради воспоставување на мрежа за мониторинг со фотозамки на целата територија. И покрај тешките временски услови и предизвикувачкиот планински терен во текот на зимата и раната пролет 2025/2026 година, веќе се поставени 85 камери, вклучително и мрежни камери кои обезбедуваат информации во реално време. Фотографиите собрани од северна и источна Албанија веќе го потврдија присуството на балканскиот рис и на неколку видови плен. Овие активности ги спроведува Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (ППНЕА) заедно со локалните институции и во координација со партнерите од Северна Македонија и Косово.

Северна Македонија
Во април 2026 година успешно ѝ беше поставен ГПС-околувратник на нова балканска рисица во регионот на планината Баба Сач. Во чест на празникот Благовец кога беше заловена, го носи името Благица. Станува збор за здрава женка која е стара околу 4-5 години и тежи 17 килограми.

Пред да биде пуштена, доктор по ветеринарна медицина ја провери нејзината здравствена состојба и зеде брисеви, што е дел од процесот на мониторинг. Откога ѝ е поставен околувратникот, Благица се движи низ планините Баба Сач и Илинска-Плакенска – области каде што движењата на рисот досега не биле следени со радиотелеметрија. Подоцна беше пронајден и нејзиниот прв плен, што потврдува дека животното е во добра состојба. Мониторингот го спроведува тимот за балканскиот рис во Македонското еколошко друштво (МЕД) заедно со локалните ловни друштва и експертите по ветеринарна медицина, со што обезбедуваат важни сознанија за репродукцијата и обновувањето на популацијата на критично загрозениот балкански рис.

Косово
Во Косово, неодамнешната теренска работа се фокусираше на Националниот парк „Проклетие“ во областите Пеќ и Исток, особено во тамошниот северен дел. Целта на активностите беше да се подобри мониторингот и да се идентификуваат важни живеалишта и коридори за движење за балканскиот рис.

Едно од главните достигнувања во неодамнешната теренска сезона беше успешната идентификација на нова единка рис. Во исто време, теренските тимови се соочија со неколку предизвици, како кражба на камери и ограничен пристап во близина на границите со Црна Гора и Албанија, каде што сè уште има мини иако тие предели претставуваат потенцијални коридори за дивиот свет. Во следните месеци, активностите за мониторинг ќе продолжат во проширената област на Националниот парк „Мокна“, а дополнителни истражувања се планирани во регионите Паштрик и Коритник долж албанската граница.

 

Назад