Во Бразил усвоена Регионална стратегија за зачувување на балканскиот рис

Регионалната стратегија за зачувување на балканскиот рис беше официјално усвоена на петнаесеттиот состанок на Конференцијата на страните на Конвенцијата за зачувување на миграторните видови диви животни (CMS COP15) што се одржа во Бразил. Стратегијата се фокусира на развивање национални акциски планови, поврзување на живеалишта и подобрување на генетската разновидност, а во наредните години ќе ја спроведуваат надлежните органи и експерти.

© Iskra Stojanova

Заедничките заложби за зајакнување на мерките за заштита на балканскиот рис даваат резултати. На 15-от состанок на Конференцијата на страните на Конвенцијата за заштита на миграторните видови диви животни (CMS COP15) беше претставена и официјално одобрена нова стратегија за заштита на балканскиот рис – Сеопфатна стратегија за спасување и заштита на балканскиот рис Lynx lynx balcanicus (2026−2035).

За време на придружен настан, организиран на 24 март од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, стручни лица и клучни партнери дискутираа за ефективните мерки за зачувување на балканскиот рис, со фокус на прекуграничната соработка. Програмата за закрепнување на балканскиот рис одигра клучна улога во водењето на оваа иницијатива, поради што ќе биде една од страните коишто ќе учествуваат во спроведувањето на Стратегијата во следните години.

Регионалната стратегија, која беше официјално одобрена на 27 март, предвидува координиран долгорочен пристап и ги приоретизира заштитата на живеалиштата, поврзувањето на шумските области и подобрувањето на генетската разновидност со цел да се намали ризикот од исчезнување. Клучен аспект на Стратегијата е нејзиниот регионален опсег – со оглед на тоа што територијата на балканскиот рис се протега низ повеќе држави, неговата заштита ќе бара здружено прекугранично дејствување.

Заштитниците на природата ја поздравија Регионалната стратегија, но истакнаа дека нејзината успешност ќе зависи од ефективната имплементација, што ќе подразбира континуирани ресурси и соработка. Наредните годни ќе бидат клучни за опстанокот на балканскиот рис.

Во процесот на изготвување на Стратегијата учествуваа Секретаријатот на Карпатската конвенција во рамки на Програмата за животна средина на ООН (UNEP), Групата за специјалисти за мачки на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) , Програмата за закрепнување на балканскиот рис и релевантните национални власти од Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Косово, Грција и Бугарија.

Назад