Програма за закрепнување

© БЛРП
Историјат
Програмата за закрепнување на балканскиот рис (БЛРП) започна во 2006 г. како одговор на критично загрозената состојба на зачуваност на балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus). За да закрепне еден вид потребно е време и затоа БЛРП низ годините прерасна во долгогодишна програма. Беше иницирана како прекугранична заложба на заштитарски организации што спроведуваат теренска работа во Македонија (Македонско еколошко друштво, МЕД) и Албанија (Друштво за заштита и зачувување на природната средина во Албанија, ППНЕА) со научна поддршка од Швајцарија (КОРА) и координација од Германија (Еуронатур). Од 2013 г. БЛРП се прошири и во Косово (Друштво за одговорно еколошко делување, ЕРА).

© Себастијан Кенеркнект
Цели
Главна цел на БЛРП е да се оствари одржлива популација на балканскиот рис. Ова сакаме да го постигнеме преку следните стратегии:
- Истражување и мониторинг: Спроведување веродостоен мониторинг и применето истражување за да се стекнат значајни сознанија за екологијата и потребите на балканскиот рис.
- Развој на политики: Лобирање за да се унапредат законодавството и спроведувањето на законот заради справување со главните закани и остварување долгорочна заштита на рисот и неговото живеалиште.
- Заштита на живеалиштата: Проширување на заштитените подрачја (национални паркови) и зајакнување на нивната ефективност за да ги остварат целите за заштита и да се поддржат нивните капацитети. Ова вклучува одржливо управување со шумите и со дивиот свет, така што ќе се обезбеди доволен плен, ќе се одржи поврзаноста меѓу живеалиштата и ќе се зајакне еколошката одржливост.
- Вклучување на чинителите: Негување соработка со мештаните, ловџиите и властите за да се унапреди соживотот помеѓу човекот и рисот, да се подигне јавната свест и да се намали криволовот на рисот и неговиот плен.
- Знаење и подигнување на јавната свест: Проширување на сознанијата кај јавноста за балканскиот рис и екосистемот преку комуникациски стратегии и образовни иницијативи за целни групи, подигнување на свеста дека рисот е критично загрозен подвид и дека треба итно да се заштити.

© ППНЕА
Постигнувања
БЛРП низ годините оствари значителен напредок. Ова се постигнувањата:
- Проценка на популацијата: БЛРП потврди присуство на балкански рис и го картира неговиот природен опсег преку анкети за населението и систематски мониторинг со фотозамки. На тој начин се процени популацијата и се спроведе проценка за Црвената листа на загрозени видови по IUCN.
- Следење на балканскиот рис со GPS: На 14 единки им беа ставени GPS-околувратници. Овие уреди овозможија информации за природниот опсег, движењето и исхраната, со што се збогатија сознанијата за видот на локално и континентално ниво.
- Прогласување заштитени подрачја: Програмата придонесе кон прогласување нови заштитени подрачја, како што се Мунела во Албанија, Проклетие во Косово и Шар Планина во Македонија, кои се од суштинска важност за опстанокот на рисот.
- Вметнување на балканскиот рис на меѓународни спогодби: Балканскиот рис во 2017 г. беше вметнат на Додаток II од Бернската конвенција, а во 2024 г. на Додаток I од Бонската конвенција. Со скорешното вметнување на вторава конвенција се зајакнаа заложбите за прекугранична заштита и се отвори пат да се развијат национални планови и регионална конзервациска стратегија со што ќе се помогне опстанокот на видот.
- Соработка со чинителите: Градењето доверба кај властите, ловџиите, шумарите и ловочуварите во трите земји каде живее рисот е водилката на БЛРП. Овие партнерства го зајакнуваат чувството на споделена одговорност при заштитата на рисот, а заштитарските мерки стануваат широкоприфатени и ефективни.
- Комуникација: БЛРП спроведе неколку кампањи за да се подигне јавната свест за тоа колку е важен рисот и кои закани му претстојат. Овие програми опфаќаат едукативни активности за ученици, работа со медиумите и ширење информации за рисот во јавноста.
Поставени се темелите за долгорочно зачувување на балканскиот рис. Останува да работиме кон целта: остварување одржлива популација на балканскиот рис.

© Себастијан Кенеркнект
Перспектива
При популација која со децении е мала, ниската генетска варијабилност кај балканскиот рис е прашање што сè повеќе нè загрижува. Популацијата веќе пројавува висок степен на инбридинг (поради парење во сродство) споредено со други популации на рисот на европско тло. Затоа размислуваме генетски да ја зајакнеме популацијата на балканскиот рис, можност што моментално ја истражуваме разгледувајќи ја биолошката, еколошката и социјалната изводливост да се транслоцираат единки.
Освен иницијативата за зајакнување на популацијата, тековните проектни стратегии—истражување и мониторинг на популацијата, вклучување на чинителите, комуникација и развој на политики—ќе продолжат и така ќе се обезбеди сеопфатен пристап.
Важен исчекор во 2025 г. е развивањето Регионална стратегија за зачувување на балканскиот рис. Ова беше предложено и усвоено како заедничка акција во рамки на Бонската конвенција. БЛРП заедно со Специјалистичката група за мачки и УНЕП ќе го водат процесот и ќе вклучат експерти и власти од сегашните и можните земји на опсег на рисот.