Балкански рис

© карта: БЛРП / изворни карти: Европска агенција за животна средина (ЕЕА) и Еурогеографикс© карта: БЛРП / изворни карти: Европска агенција за животна средина (ЕЕА) и Еурогеографикс

© карта: БЛРП / изворни карти: Европска агенција за животна средина (ЕЕА) и Еурогеографикс

Распространување, природен опсег и популација

Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus), подвид на евроазискиот рис, е рангиран како критично загрозено животно и ендем од Југоисточен Балкан. Главните упоришта на рисот се Националниот парк „Маврово“ и неговата околина во Македонија, и Планината Мунела и регионот Полис-Валамара во Албанија. Единки од рис се забележани и во Косово, а постои можност тој да е присутен и во Црна Гора и Грција. Се проценува дека популацијата брои помалку од 50 возрасни единки, чијшто опсег изнесува 6200 km².

© Панајот Чоровски© Панајот Чоровски

© Панајот Чоровски

Однесување и екологија

Во поглед на територијата, балканскиот рис е мошне сличен со другите подвидови. Мажјаците имаат поголеми територии (220–700 km²) од женките (100–200 km²), и тие им се преклопуваат заради парење. Младенчињата се раѓаат во доцна пролет, помеѓу мај и јуни, откако мајката го носи младото околу 70 дена, по спарувањето доцна зиме или рано напролет. При населувањето нови територии (дисперзија), единките може да поминат различни растојанија, но обично мажјаците покриваат поголеми пространства од женките. Овие, пак, главно се населуваат близу местото на раѓање.

Балканскиот рис е месојадно животно што лови мали копитари, и тоа, срна (Capreolus capreolus) и дивокоза (Rupicapra rupicapra). Дивиот зајак (Lepus europaeus) претставува алтернативен плен, особено во подрачјата каде копитарите се поретки. Дали рисот успешно ќе се размножи и дали ќе опстане зависи од достапноста на пленот и од квалитетот на живеалиштето.

© Себастијан Кенеркнект © Себастијан Кенеркнект

© Себастијан Кенеркнект

Живеалиште

Балканскиот рис ги населува планините и подрачјата под шума, а претпочита густа шума во која може да лови од заседа и да се засолни. Старите шуми и мозаичните предели со бујна вегетација се особено важни бидејќи нудат поволни услови за опстанок на неговиот плен, срната и дивиот зајак. Рис може да се најде на надморска висина од 600 до 2000 m. Постојаното расцепкување (фрагментација) на неговото живеалиште за потребите на човекот (сеча, земјоделски активности, инфраструктурен развој), претставува значителна закана по неговиот опстанок.

© ППНЕА© ППНЕА

© ППНЕА

Закани

  • Загуба на живеалиштата: Уништувањето на шумите, развивањето инфраструктура и појавата на пожари ги уништуваат и расцепкуваат поволните живеалишта.
  • Криволов: Противзаконски лов на рисот и на неговиот плен, како срна и дивокоза.
  • Намалување на пленот: Неодржливиот лов и лошото справување со пожарите во спрега со слабото спроведување на законите ја намалуваат достапноста на пленот.
  • Закани од генетска природа: Малата популација и нејзината изолираност довеле кон осиромашување на генскиот фонд и парење во сродство (инбридинг), а тоа веројатно предизвикува намален репродуктивен успех на единките.
© МЕД© МЕД

© МЕД

Историја, таксономија и културолошко значење

Балканскиот рис од дамнина го населува Балканскиот Полуостров. Низ историјата тој бил широкораспространет, но кон почетокот на 20. век бројно значително опаѓал, што се должело на прекумерното ловење и уништувањето на неговото живеалиште. Во средината на 20. век животното било притеснето во поизолирани подрачја со шума. Со спроведувањето заштитарски мерки, да се заштити со закон, во четириесеттите години, и да се воспостават заштитени подрачја, во педесеттите, популацијата на рисот привремено се стабилизира. Но поради политичката нестабилност на овие простори и криволовот во подем кон крајот на 20. век, дошло до понатамошно намалување на популацијата.

Балканскиот рис е утврден како подвид (Lynx lynx balcanicus) во 1941 од Иван Буреш. Подоцнежните генетски анализи ја потврдуваат ваквата класификација, со што балканскиот рис претставува посебен еволуциски огранок.

Културолошки, балканскиот рис е симбол на регионот. Легендите и фолклорот рисот го претставуваат како лукав и притаен ловец, алудирајќи на истрајноста и самостојноста.

Поради богатата историја и културолошката важност на балканскиот рис, како и состојбата на критично загрозен вид, итно треба да здружиме сили и да го осигураме неговиот опстанок.