Активности по повод Меѓународниот ден на рисот
Секоја година на 11 јуни се одбележува Меѓународниот ден на рисот. На овој ден, организации од земјите во чијашто територија живее рисот спроведуваат различни активности за да ја нагласат критичната состојба на балканскиот рис. Во 2025 година, нашите партнери го одбележаа овој посебен ден со повеќе настани.

© МЕД
Косово: Изложба на фотографии од фотозамки
Посетителите имаа можност да погледнат уникатни фотографии снимени со фотозамки од партнерот на БЛРП — ЕРА. Овие фасцинантни снимки го документираат присуството на диви животни во шумите на Косово и ја истакнуваат важноста на заштитата на нивните живеалишта.
Дополнително, беа донирани едукативни материјали на три образовни институции: „Рамиз Садику“, „Дарданија“ и градинката „Брези и Арте“. Овие пакети имаат цел да ја поддржат еколошката едукација и да ги инспирираат младите умови да станат заштитници на природата.
Албанија: Поврзување на засегнатите страни
Во Албанија, одбележувањето оваа година се одржа во Разма, Скадар, каде партнерот на БЛРП — ППНЕА — ги собра на едно место различните засегнати страни: локални заедници, институции, организации за заштита на природа и управувачи на заштитени подрачја.
Клучен момент беше симпозиумот „Заштитени поврзани подрачја“, на кој премиерно беше прикажан нов документарен филм за балканскиот рис, со фокус на значењето на еколошките коридори. Овие поврзани предели се клучни за долгорочниот опстанок на рисот, овозможувајќи му да се движи, размножува и прилагодува на променливата средина.
Учесниците ги одбележаа и придонесите на женската група „Жените од Мунела“, која се занимава со традиционални практики и мониторинг на рисот. Иницијативата за прогласување на планината Балѓај за Регионален природен парк исто така беше презентирана, потенцирајќи ја нејзината важност како поврзувачка точка меѓу фрагментираните живеалишта на рисот.
Северна Македонија: Откриен мурал на рисот
Со мурал на балканскиот рис и мала симболична прослава, партнерот на БЛРП — Македонското еколошко друштво (МЕД) го одбележа Меѓународниот ден на рисот.
„Конечно најдовме дом за муралот, најдовме и артист кој го нацрта, и најдовме човек кој има визија и кој е отворен за соработка, а тоа е директорот на Театар Комедија – Дарко Спасов. Целта ни е со овој мурал да ја подигнеме јавната свест, не само на рурално туку и на урбано ниво. Кога работите ќе згуснат ни треба секаква поддршка, од секоја популација“, изјави раководителот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, Диме Меловски.
Освен муралот на фасадата на Театар Комедија, пред објектот поставена е и инфо табла со основните податоци за рисот, како и QR код кој води до новата интернет страница посветена на балканскиот рис: balkanlynx.com.
По поздравните обраќања, присутните членови и соработници на МЕД, се упатија кон Бистро Комедија каде што во неформална атмосфера имаа прилика да поразговараат за досегашните постигнувања, но и да разменат идеи и предлози за идни активности.








