Северна Македонија

БЛРП залови нов рис по име Зора

Во почетокот на април 2025 година, во Македонија заловивме здрава возрасна рисица на која ù беше ставен GPS-околувратник.

© МЕД© МЕД

© МЕД

Тешка 15,5 килограми, единката ја крстивме Зора. Од почетокот на Програмата за заштита на балканскиот рис (БЛРП), Зора е петнаесеттиот балкански рис кој носи околувратник. Моментално ја следиме со уште две единки – Луна и Крле – и претставува дел од мал но значаен сет податоци кој на истражувачите им помага подобро да го разберат движењето и однесувањето на овој загрозен подвид рис во дивината.

При заловувањето и ракувањето со животното се следеше строг протокол. Притоа животното го измеривме, извлековме генетски примероци (крв, брис и влакна) и проверивме дали има  надворешни паразити. Најдовме крлежи и ги собравме за понатамошна анализа. Оваа постапка е клучна да се процени здравствената состојба на секоја единка и овозможува поопсежни генетски проучувања на популацијата.

Од Зора веќе добивме првите локации преку GPS, и со тоа потврдивме дека таа е жива и добро се адаптира. Радиотелеметријата на рисаџиите ќе им овозможи да приберат важни податоци за нејзиното движење и искористувањето на живеалиштата – информации од круцијално значење за зачувување на ова ретко животно

Назад