Нова снимка од балкански рис: Позната единка забележана на нова локација
Балкански рис, кој претходно бил забележан во областа Полис-Валамара, сега е документиран помеѓу Корча и Скрапар во јужна Албанија, што e најјужната локација каде што досега е потврдено појавување на балкански рис во Албанија и, воопшто, на Балканот. Новиот наод ги проширува нашите сознанија за движењето на оваа единка и открива важна трага за можната еколошка поврзаност меѓу живеалиштата.

© ППНЕА
Снимки од фотозамки му овозможија на тимот на Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (ППНЕА) да го идентификува рисот врз основа на шарата на слабините, рамената, нозете и други видливи делови од неговото тело. Преку нивна споредба со фотографии во базите на податоци на ППНЕА и на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, вклучувајќи и снимки од областа Валамара од 2020 година, се потврди дека станува збор за истата единка којашто претходно била забележана во областа Полис–Валамара.
Новата снимка додава уште една локација во документираните движења на оваа единка. Иако не ја открива точната траса по која се движело животното, сепак е исклучително важна појдовна точка во истражувањето на движењето на рисот низ поширокиот предел и на можната еколошка поврзаност меѓу овие области. Особено затоа што ваквата поврзаност е скапоцена за рисот. Еколошките коридори им овозможуваат на животните да се движат меѓу живеалиштата додека бараат храна, засолниште и други единки. Во случаи на фрагментација на живеалиштата, областите кои се соодветни за животните стануваат изолирани.
![]()
Мапата ја прикажува областа Полис-Валамара-Островица во Албанија. Во 2020 година, во Полис-Валамара беше потврдено присуството и размножувањето на балканскиот рис. Во 2026 година, една единка беше забележана уште појужно, близу планината Островица, што досега е најјужната локација каде што е забележан балкански рис во Албанија и на Балканот воопшто.© ППНЕА
Во оваа фаза сè уште не е јасно каква улога има новодокументираната област за овој рис. Може да служи како премин меѓу живеалишта или да сочинува поголема територија што животното ја користи. Потребно е дополнително следење за да се утврди дали рисот таму редовно се враќа, наоѓа храна или засолниште или, пак, веќе обележал своја територија.
Понатамошниот мониторинг ќе помогне да се разјасни улогата на оваа област во движењето на рисот и ќе ги поткрепи заложбите за заштита на важните живеалишта и нивната поврзаност.


