Заштита на балканскиот рис – европска обврска

Настанот на Европскиот парламент во Брисел на 24 септември 2025 г. го впери вниманието кон балканскиот рис. Заштитата на оваа ретка мачка станува критериум за заштита на видовите кај земјите пристапнички.

На 24 септември во Европскиот парламент имаше настан на покана на двајцата европарламентарци Себастијан Евердинг и Томас Вајц на кој се состана група чинители од владиниот и невладиниот сектор (меѓу нив и тимот на БЛРП). Таму се дискутира како балканскиот рис да се спаси од истребување. За време на настанот беше нагласено дека заштитата на природата треба да остане обврска во процесот на проширување на ЕУ. Оттаму, заштитата на балканскиот рис, според Евердинг од Партијата за заштита на животните, претставува „пример за реален напредок во зачувувањето на природата во регионот“.

На настанот се истакна одговорноста на Европскиот парламент да биде гарант биолошката разновидност да не се занемари при процесот на проширување на трите земји од Западен Балкан – Албанија, Македонија и Косово – кои важат за последно прибежиште на балканскиот рис. Тука воедно се подвлече и важноста на големите заштитени подрачја, како Националниот парк „Маврово“, и ефективната соработка помеѓу чинителите и земјите за да се обезбеди опстанок на балканскиот рис.

„Опстанокот на балканскиот рис ќе стане репер со кој ќе се оценува колку земјите од Западен Балкан ги исполниле критериумите за влез во ЕУ. Тоа е тест за нашиот кредибилитет,“ рече европарламентарецот Томас Вајц од Европската зелена партија. „Овој симбол нека не биде само потсетник за тоа што може да изгубиме, туку и инспирација за тоа што можеме да заштитиме ако заедно дејствуваме.“

Назад